Одѕивот на претседателските избори во Франција до пладне изнесува 28,5 проценти.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи процентот е малку повисок од минатите избори за претседател во 2012.
Французите денеска гласаат во првиот круг на претседателските избори кои се сметаат за клучни и може да имаат далекусежни последици врз геополитичкиот статус кво, вклучувајќи ја и иднината на ЕУ и односите на Западот со Русија.
Според најавите, изборниот ден ќе го обезбедуваат 50 илјади полицајци и седум илјади војници, поради вонредната состојба во земјата воведена по низата терористички напади од 2015 година досега, во кои беа убиени над 230 луѓе.
Во една избирачко место во Бесансон во Франција, гласањето на денешните претседателски избори било привремено суспендирано откако возач со автомобил се обидел да влета во избирачкото место.
Возилото веднаш било запрено, а безбедносните сили го провериле возилото за присуство на експлозиви.
Во Франција повеќе од 66.000 избирачки места утрово се отворија.
До гласачките места имаат пристап близу 45 милиони гласачи, регистрирани во списоците за првиот круг на гласање.
Се очекува прелиминарните резултати да бидат објавени непосредно пред полноќ.