На сцената ЗЕБРА, утре, со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата “Импулс 7“ , дипломска претстава на првата генерација студенти на Скопје танцовата академија при ЕСРА Универзитетот, со која раководи проф. Рисима Рисимкин.
На утрешната претстава ќе бидат изведени трите кртаки кореографии на студентите и дипломските кореографии направени за нив како танчери од Рисима Рисимкин. На свеченоста ќе присустуваа и амбасадорката на Кралството Холандија, Мариет Схурман.
Во меѓувреме Скопје танцовата академија се подготвува за гостување на престижниот фестицвал ИТ’с во Амстердам, каде на 27 јуни во официјалната програма ќе настапи во заедничка вечер со КОДАРТС Универзитетот и Ротердамската танцова академија
Програмата на оваа академија започна во 2010 година во соработка со Ротердамската танцова академија од Холандија, а со финансиска поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Преку партнерството со Ротердам, Скопје танцовата академија стана единствена академија во регионот, на која се произведуваат танчери со современ профил, со европска едукација. Во изминатите три години на академијата предаваа визитинг професори, како Џоан ван дер Маст, Марио Камачо, Луис Франк, Анка Мајцхер, Бојана Ненадовиќ, Николае Виеру, Јаш Отрин, Олга Панго, Тим Персент, и кореографи Катцура Кан, Нил Вердрун, Игор Киров, Нада Кокотовиќ и други.
Студентите изведоа 10 продукции и гостуваа на неколку престижни фестивали, во Хрватска на Фестивалот за современ танц и невербален театар во Сан Винченто и на престижниот Саем за танц во Дизелдорф, – ко-продукција со театарот ТКО од Келн. Во 2011 година почна да функционира Скопје танцовиот театар, чија прва продукција “Меѓусвет“ го означи неговото работење во јавноста, а во 2012 Интерарт културниот центар, кој е партнер на академијата потпиша договор со Министерството за култура за тригодишна поддршка на програмскиот дел на теататрот.
Скопје танцовиот театар и академија функционираат на матичната сцена ЗЕБРА во Скопје. Дел од првата генерација студенти се изразија и како кореографи: Матеа Киселичка со кратката короеографија “Загреј го студот“, Адријана Атанасова со “Патот на љубовта“ и Љупчо Атанасов со “Патот на еволуцијата“.