Документарниот филм „Верувам во љубовта“ во режија на Игор Иванов – Изи кој ќе биде прикажан вечерва, во 19 часот, во киното „Фросина“ е приказна за жени – жртви на сопствената љубов, изопаченото сфаќање на традицијата и бракот, животот на маргините на општеството во кое правдата е „добро воспитана“, па нема намера да се меша во брачните односи.
Веднаш потоа ќе биде прикажан филмот „Ова не е перална за коли“ во режија на Гентиан Кочи. Се работи за приказна за обидот на албанската власт да го сруши единственото кино во Тирана кое, во земја без доволно културни институции, станува сврталиште на уметничката заедница .
Студенти, професори, активисти и филмофили излегуваат на улица. Она што ќе почне како конференција за печат за само неколку дена ќе се претвори во вистинска окупација на киното. Лицето на посткомунистичка Албанија забрзано се менува, а борбата за ова кино потсетува на ширум познатата борба за јавен простор, културата и идеите. Тука, на ова мало бојно поле, се поставува едно големо прашање – до каде смее да оди државата во негувањето – или уништувањето – на културниот простор на нацијата?
Во 21 часот, публиката на Македокс репризно ќе го види оскаровскиот документарец „Барајќи го Шугармен“ на режисерот Малик Бенџелао.
Помеѓу 18 и 20 часот во Куршумли ан ќе се одржи „Дискусија под смоква“ во чии рамки ќе се одржи дискусија со членовите на жирито за наградата за „Етички идеи“, Тоне Фрелих, Илинденка Петрушевска, Јелена Лужина.