Премиерката на Обединетото Кралство, смета дека европските политичари од ЕУ и медиумите, вршат влијание врз Британците за претстојните парламентарни избори кои таа ги побара.
Меј изјави дека „бирократите во Брисел и некои во ЕУ“ посакуваат неуспех на преговорите за Брегзит.
Таа ги обвини, како што рече, „континенталните весници“ дека сосема погрешно ја претставуваат британската преговарачка позиција и тврди дека ЕУ ја „заострува својата позиција“ кон Велика Британија. Според Меј, сето тоа се правело намерно пред предвремените избори од 8 јуни, за да се влијае врз резултатите.
Во вторникот Меј во изјава за Би-Би-Си му се закани на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер дека „ќе види колку страшна жена“ таа може да биде, откако некои германски медиуми објавија дека тој претходно рекол оти таа „живее во некоја друга галаксија“.
Ваквата реакција на Меј, дојде откако висок функционер на нејзината Конзервативна партија изјави дека и за Велика Британија и за ЕУ е подобро да се „спушти тензијата“ и да се смири острата реторика.
Уште пред сегашната изборна кампања, Меј и некои нејзини министри почнаа да создаваат атмосфера во британската јавност за тоа дека Брегзит ќе претставува успех за земјата.
Во Брисел, меѓутоа, таквото гледање на Лондон не се прифака затоа што се смета дека нема ништо успешно и за двете страни, кога една земја членка по 44 години заминува од ЕУ.