Еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан денеска на средбата со новиот претседател на Собранието Талат Џафери во Брисел ја изразил подготвеноста на ЕУ да соработува со него во спроведување на реформската агенда на ЕУ, вклучувајќи и имплементација на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети, соопштуваат од ЕК.
Тој ја повторил острата осуда од ЕУ на намерните напади врз пратениците и новинарите во Парламентот минатата недела и предупредил дека повторувањето на вакви акти сериозно ќе ја нарушат европската перспектива на земјата.
-Парламентот мора да работи непречено, Сите парламентарци вклучувајќи ја и опозицијата се очекува да имаат конструктивна улога, а не да опструираат и сите актери мора да се воздржат од провокативни изјави и постапки. Парламентот мора да биде форум за дебата за сите сериозни предизвици со кои се соочува државата и да обезбеди неопходни гаранции за напредок во интерес на сите граѓани и заедници, се вели во соопштението.
На крајот комесарот Хан повика земјата сега да се фокусира на следните чекори, како што е формирање на владата, врз основа на парламентарното мнозинство и делувајќи во согласност со Уставот и демократските принципи.