Македонскиот телеком регулатор АЕК – Агенцијата за електронски комуникации цела година ќе смислува како да ја извести јавноста што е нејзината функција и потоа на истата јавност ќе и објаснува зошто постои.
АЕК, имено, објави тендер преку кон нарачува „услуги за изработување и промовирање на стратегија за подигање на свесноста кај јавноста за улогата и функцијата на Агенцијата за електронски комуникации и сите нејзини сервиси и услуги.“
Овој тендер е еден од редицата слични кои се однесуваат на рекламни кампањи на националниот телеком регулатор за комуникација со јавноста со цел или да се подигне јавната свест, или имиџот, или работата, или да се објаснат услугите на оваа државна регулаторна агенција.
Работата е тоа што АЕК е пребогат и не знае што да им прави на парите. Само од ланските вишоци, кои останаа на сметка на Агенцијата во износ од 9,17 милиони евра, сума од 1,3 милиони евра ќе биде дадена за изградба на аква паркот во Карпош во комплексот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Исто така, АЕК ќе даде 3,17 милиони евра на ЈП „Македонска Радиодифузија“, а 3 милиони евра ЈП „Македонска радиотелевизија“. Доделувањето на овие средства е заради дигитализацијата.
Не би требало да изненади ако значителен дел од износот на тендер отиде на реклами, кои во изминатите тендери им беа доделени на провладините медиуми.
Времетраењето на договорот со добитничката фирма изнесува 12 месеци што значи дека АЕК заедно со оваа фирма цела година ќе смислуваат како да и објаснат на јавноста која е функцијата на Агенцијата, а потоа тоа што го смислиле ќе го спроведат во дело – односно преку реклами и други комуникациски алатки ќе ги оптеретуваат и загадуваат каналите за јавна дебата и јавна комуникација.
Исто, за разлика од најголем број државни тендери, каде што најмногу поени се добиваат за ниската цена, овде 60 отсто од бодовите се однесуваат на квалитетот, а 40 отсто на цената. Електронска аукција за избор на победникот нема да биде организирана, а од добитникот на тендерот се бара гаранција за квалитет од 10 отсто од вкупната зделка.
Понудите треба да се достават најдоцна до 27 јули 2013 година до 11 часот и тие треба да имаат важност од 90 дена. Нивното јавно отворање ќе се одржи во истото време и на истиот ден во просториите на Агенцијата.