Големата меѓународна истрага на сајтот за детска порнографија заврши со апсење на 900 лица ширум светот и идентификација на околу 300 деца жртви, соопшти американската полиција и Европол.
Истрагата, која траеше повеќе од две години, се водеше по откривањето на „исклучително влијателниот“ сајт Плејпен (Playpen), чиј основач Стивен Чес од Флорида е осуден неделава на 30 години затвор.
Плејпен, кого го сметаат за најголема мрежа за интернет размена на документи со педофилска содржина, а има повеќе од 150.000 корисници, основан е во август 2014. година.
Истрагата на ФБИ за Плејпен не помина без спор со оглед на тоа дека агенцијата, за да ја изврши својата задача, хакирала илјадници компјутери во повеќе од 100 земји, што ги загрижило организациите за човекови права.
ФБИ потоа десетина дена сам управувал со педофилскиот портал за да ги пронајде неговите членови, што многумина оценија дека е злоупотреба.
Стивен Чес е уапсен на 19. февруари 2015 година, еден месец откако американската полиција ја почна операцијата „Дуда“(Operation Pacifier) за да ги пронајде корисниците и доставувачите на фотографии и видеоснимките на Плејпен.
Во САД се уапсени 350 лица, меѓу кои 25 произведувачи на детска порнографија и 51 лице е обвинето за силување на деца.
Двајца директни соработници на Стивен Чес се осудени на 20 години затвор.
Надвор од Америка се уапсени 548 лица, додава ФБИ.
Во Европа се уапсени и осудени 368 лица, соопшти Европол.