Програмскиот совет на Македонската радио телевизија на денешната седница, ја разгледал информацијата за начинот на известување на МРТ за насилните протести во Собранието на 27. април. На седницата се анализирале писмените и усмените информации на одговорните уредници на Првиот и Вториот програмски сервис на МТВ, како и на уредникот на Собранискиот канал, по што Програмскиот совет на МРТ едногласно ги донел се следните заклучоци:
– Програмскиот совет на МРТ работи согласно закон и нема да се вклучи во дневно политички игри наметнати од кого било.
– Програмскиот совет на МРТ констатира дека Директорот и заменик Директорот на МРТ немаат ингеренции да се мешаат во уредувачката политика на куќата .
– Програмскиот совет на МРТ ги задолжи одговорните уредници на Првиот и Вториот програмски сервис на МТВ и на Првиот и Третиот програмски сервис на Македонското радио, да ги преиспитаат евентуалните пропусти во дневно информативните редакции и за тоа да го известат Програмскиот совет на првата наредна седница.
Седницата на Програмскиот совет беше затворена за јавноста, на што реагираше Здружението на новинарите на Македонија.
-Одлуката за затворање на седницата е противзаконска, бидејќи во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги никаде не е предвидена можноста седниците на Советот да бидат затворени за јавност. Неиздржани се аргументите на мнозинството на членови дека седницата морала да биде затворена поради сензитивноста на темата и да се исклучи притисокот врз членовите на Програмски совет и одговорните уредници, се вели во соопштението.
Седницата на Програмскиот совет беше свикана по барање на членот на Советот номиниран од ЗНМ, откако Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услугу го повика Програмскиот Совет да го разгледа начинот на известување на МРТ за насилството во Собранието. Во дописот Агенцијата сметаше дека јавниот сервис не обезбедил наврамено информирање на граѓаните за настаните во Собранието и не беа организирани дебати што се од исклучителен јавнен интерес.