Германецот Феликс Брих доби доверба од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) да дели правда во финалето на Лигата на шампиони за оваа сезона. Мечот за елитната титула меѓу Реал Мадрид и Јувентус е закажан на 3 јуни на стадионот „Милениум“ во Кардиф.
Неговиот словенечки колега Дамир Скомина, пак, ќе биде на центарот во финалето во Лига Европа. Завршницата на второто по ранг клупско натпреварување на УЕФА е на 24 мај на „Френдс арена“ во Стокхолм. За престижниот пехар ќе се пресметаат Манчестер јунајтед и Ајакс.
Победниците во двата меча ќе гостуваат на 8 август на „Телеком арена“ во Скопје во рамки на европскиот Суперкуп.