Владата на Република Словенија е истрајна во намерата за продажба на 15 државни претпријатија, се со цел да ја стабилизира финансиската состојба и да ја извади земјата од криза, пишува порталот „index.hr“.
Петнаесет словенечки државни претпријатија – Аеродромот во Љубљана, „Адрија Ервејз“, „Техника“, „Нова Кредитна банка Марибор“, „Телеком Словенија“, „Цинкарна Цеље“, „Господарско разставишче“, „Палома“, „Терме Олимпија“, „Унион“, „Жито“, „Елан“, „Фотон“ и „Хелиос“, се компаниите кои наскоро треба да бидат продадени.
Словенечката државна телевизија објави дека парламентот на денешната вонредна седница треба да одлучи за листата од петнаесет компании во кои државата има мнозински удел.
Според предлогот на владата на премиерката Аленка Братушек тие компании треба да бидат продадени што поскоро.
Со предлозите за продажба на словенечките претпријатија, премиерката Братушек само ја послуша препораката на Европската комисија која на Словенците им предложи продажба за што побрзо да излезат од кризата и да ги стабилизираат јавните финансии.
Опозицијата овој бран на „распродажба“ на Словенија го критикува како недоволно транспарентен и бара воспоставување на стратегија за управување со државниот имот.