28 здруженија и граѓански организации добиле вкупно 800.000 евра од македонската Влада минатата недела, согласно одлуката објавена во Службен весник издаден на 23 мај, објави Радио МОФ.
За поголем дел од овие организации не можат да се најдат никакви податоци при пребарување на интернет. Некои водат кон празни страници или пак кон декорација на нокти, додека еден дел од нив се совпаѓаат со организации кои во минатото организирале активности против опозицијата.
Како пример се наведува Здружението Јасна иднина од село Небрегово, Долнени кое според оваа одлука добило грант од државниот буџет од 3 милиони денари, или нешто помалку од 50.000 евра.
Оваа организација нема интернет-страница, но при интернет пребарување на Гугл, се појавуваат повеќе вести од 2009 година, кога ова здружение било посочено од СДСМ како нарачател на медиумската кампања „Отпор кон Бранко Црвенковски“, објавува Радио МОФ.
НОВАТВ на 30 март објави дека Владата тој ден распиша оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации во вредност од 50 милиони денари или 800.000 евра.
Со овие пари, пишува во огласот објавен во дневен весник, ќе бидат поддржани програмски активности преку грантови кои се поделени во две категории.




