Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски индиректно најави дека тој не се откажува од лидерската позиција во партијата. Во интервјуто за телевизијата „Алфа“ денеска тој најави промени во највисокиот партиски орган, Извршниот комитет, но на прашањето за можни повлекуваања тој отсечно одговори дека не се повлекува.
Немам намера да се повлекувам како победник на овие избори, како човек што ја доби довербата од најголем број на граѓаните, рече Груевски.
Сепак, тој обзнани дека партијата ќе се соочи со други промени во лидерството пред се за да се промовирале нови лица, иако не откри кои.
-Крајот на овој месец истекува мандатот на Извршниот комитет така да во јули ќе има нов Извршен комитет.Тоа ќе биде добра можност да се промовираат и некои нови личности кои со нова енергија ќе помогнат понатаму во зацврстување на ВМРО-ДПМНЕ и забрзување на успехот а тоа е враќање на власт и предводење на Македонија со уште посилна динамика и посилни реформи напред кон подобар живот, подобар квалитет на живот, повисоки плати-нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.
Извршниот комитет во моментов во партијата го чинат Никола Попоски, Горана Јанкулоска, Зоран Ставревски, Владимир Пешевски, Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски, Миле Јанакиески, Коце Трајановски, Даниела Рангелова, Илија Димовски, Кирил Миновски и други.
Неколку од овие лица, вклучувајќи го и самиот Груевски се обвинети и истражувани во многу од случаите на Специјалното јавно обвинитеелство (СЈО) кои вклучуваат перење пари, местење избори, корупција и организиран криминал, злоупотреба на службената должност.
Груевски во ова интервју се осврна и на СЈО повторно како многупати досега оценувајќи ги за политичко обвинителство.
Треба да знаат дека сето тоа ќе им се врати еден ден. Едноставно сè што се прави лошо и зло, без причина, без докази еден ден се враќа. Тоа е тоа, таков е животот, заклучи Груевски.