Прв тргна, водеше за време на целата трка и прв заврши. Луис Хамилтон ја освои ГН на Канада, седма станица во годинашниот Формула 1 шампионат. Третиот триумф во низа на патеката „Жак Вилнев“ во Монтреал, Британецот од Мерцедес го прослави со време од 1:33:05,154 часа оставајќи ги зад себе тимскиот колега Валтери Ботас (+19,783 сек.) и Даниел Рикардо од Ред Бул (+35,297 сек.).

Лидерот во генералниот пласман и најголем ривал на Хамилтон за титулата, Себастијан Фетел го освои четвртото место. Германскиот пилот на Ферари имаше тежок старт пришто се судри со Макс Ферстапен. Од колизијата излезе со оштетено предно крило, па мораше веднаш кај своите механичари во боксот. На асфалтот се врати како 18 во колоната и почна со претекнување на побавните болиди со оглед на неколкуте долги правци и широки свиоци на автодромот во Канада.

За издвојување се и возачите на Форс Индија Мерцедес, Серхио Перез и Естеба Окон кои завршија на петтото, односно, шестото место. И, секако, малерозниот Фернандо Алонсо кој повторно немаше среќа да финишира во трката во 2017 година. Шпанецот се соочи со проблеми со својот блид, конкретно со моторот на Хонда што не покажа дека функционира баш најдобро во досегашниот тек на сезоната. Во моментот на принудно откажување, на два круга до крајот, беше десетти кога се паркира крај патеката и се откажа од трката за бодови.
Фетел е прв во генералниот пласман со 141 бод, 12 повеќе од Хамилтон и Ботас на третата позиција со 93. Мешу конструкторите води Мерцедес со 222 бода, Ферари е втор со 214, Ред Бул е трет со 112.
Наредната трка во Формула 1 ќе се вози на 25 јуни во Баку за ГН на Азербејџан.
Резултати од трката за ГН на Канада
Луис Хамилтон (В. Британија/Мерцедес) 1:33:05,154 часа
Валтери Ботас (Финска/Мерцедес) +19,783 сек.
Даниел Рикардо (Австралија/Ред Бул) +35,297 сек.
Себастијан Фетел (Германија/Ферари) +35,907 сек.
Серхио Перез (Мексико/Форс Индија Мерецедес) +40,476 сек.
Естебан Окон (Франција/Форс Индија Мерцедес) +40,716 сек.
Кими Раиконен (Финска/Ферари) +58,632 сек.
Нико Хулкенберг (Германија/Рено) +60,374 сек.
Ленс Строл (Канада/Вилијамс Мерцедес) +1 круг
Роман Грожан (Франција/Хас Ферари) +1 круг, итн.
Генерален пласман кај возачи
Себастијан Фетел (Германија/Ферари) 141 бод
Луис Хамилтон (В. Британија/Мерцедес) 129
Валтери Ботас (Финска/Мерцедес) 93
Кими Раиконен (Финска/Ферари) 73
Даниел Рикардо (Австралија/Ред Бул) 67
Макс Ферстапен (Холандија/Ред Бул) 45
Серхио Перез (Мексико/Форс Индија Мерецедес) 44
Естебан Окон (Франција/Форс Индија Мерцедес) 27
Карлос Сајнц Јр. (Шпанија/Торо Росо) 25
Фелипе Маса (Бразил/Вилијамс Мерцедес) 20, итн.
Генерален пласман кај конструктори
Мерцедес 222 бода
Ферари 214
Ред Бул 112
Форс Индија Мерцедес 71
Торо Росо 29
Вилијамс Мерцедес 22
Рено 18
Хас Ферари 15
Заубер Ферари 4
Мекларен Хонда 0