Политичката криза заврши, реформите мора да се на прво место, ова е пораката којашто еврокомесарот Јоханес Хан ја испрати пред неговото пристигнување во Скопје во понеделник. Тој најави средба со владата, но и со политиките партии на коишто ќе се зборува за плановите и реформите на новата Влада во Македонија со цел спродување на евроинтеграциите.
„Земјата, со континуирана помош од Европската Унија, конечно ја надмина политичката криза преку добро спроведени избори и со формирањето ја новата Влада. Сега новата Влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на имплементацијата на реформските приоритети и на Договорот од Пржино за да се врати земјата на нејзиниот пат кон ЕУ-интеграцијата. Реформите мора да бидат спроведени за да се подобри животoт на луѓето, да се работи на стабилноста, напредокот и правдата. Затоа ѝ дадов задача на групата на независни правни експерти, предводена од Рајнхард Прибе, да помогне и да ја советува новата влада за прашањата за системското владеење на правото“, напиша Хан вчера во соопштението испратено од Комисијата.
Владата вчера одржа таканаречена инклузивна консултација со невладиниот сектор и медиумите, каде беа предложени пет теми за работни групи кои ќе дадат свој придонес кон Итните реформски приоритети.
„Намерата на Владата е до крајот на годината, Република Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговорите со Европската Унија, а идната година да добиеме датум за почеток на преговорите за полноправно членство. Обезбедивме позитивен политички амбиент за овие цели“, рече вчера Зоран Заев, потенцирајќи дека тоа е препознаено и од Брисел и од Алијансата.