Три македонски филма – „Мајки“ на Милчо Манчевски „Како убив светец“ и „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска ја добиле поддршката од парискиот фонд за светски филм.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по средбата со претставниците од фондот изјави дека новиот закон за филмска дејност, кој треба да се применува од 1 јануари 2014, е многу сличен на законот во Франција и ќе му овозможи на Филмскиот фонд на РМ покрај средства од државата, да добива пари и од други извори.
– Изразив благодарност за филмовите што досега добија поддршка од фондот – филмовите на Митевска и „Мајки“ на Манчевски, како и „Тајната книга“ на Плевнеш, кој е поддржан од други извори од Франција. Се надевам дека преку оваа средба ќе ја продлабочиме соработката, рече Канческа-Милевска.
Натали Стриф, одговорна за Фондот за помош на светскиот филм од Францускиот институт во Париз, истакна дека целта на институцијата е да ги поддржи посебно младите синеасти и, како што рече, да продолжи да ја брани културната разновидсност.
Министерката ги информирала гостите и за идејата за изградба на три филмски студија – две во Скопје и едно во Битола, преку јавно-приватно партнерство.
Фондот од Париз има годишен буџет за поддршка на проекти од целиот свет во висина од 6 милиони евра и на четири до пет конкурси се поддржуваат меѓу 40 и 60 филмови со средства до 250.000 евра по филм за продукција и до 50.000 евра за постпродукција.