Владина делегација предводена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска ќе престојува во еднодневна посета на Брисел.
Во составот на владината делегација се и министерот за правда Билен Саљији и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Вицепремиерот Османи заедно со директорката за Западен Балкан во Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Геновева Руиз Калавера ќе копретседаваат со 14-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација.
Владината делегација ќе оствари средба и со генералниот директор на Генералниот Директорат за проширување и соседска политика, Кристијан Даниелсон од кого ќе биде побарано, согласно успешноста при имплементацијата на преземените обврски, поддршка која би водела кон конкретни чекори од страна на Европската унија.