Претседателот Ѓорге Иванов попладнево во Скопје се сретна со посредникот на Обединетите нации за името, Метју Нимиц. Како што соопштија од Кабинетот на Претседателот, на средбата била разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на ова прашање.
Претседателот Иванов ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повика на нивно проширување и внесување на нови содржини. Иванов истакнал дека Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации и истакна дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.
„Македонската страна со години наназад дава континуиран придонес и иницијативи во насока на градењето на доверба меѓу двете држави и двете општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион“, изјавил Иванов.
Според Иванов во процесот кој се води во рамки на Обединетите нации, неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите – резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.