Јавниот обвинител Марко Зврлевски на денешната седница на Собранието на која се расправа за негово разрешување, од говорницата порача дека тој компетентно и чесно ја вршел својата функција, и ги обвини Владата и Советот на јавни обвинители дека не дале основа зошто барале тој да биде разрешен.
– Во предлогот се наведува дека незаконито и нестручно сум ја извршувал функцијата и дека со неповедувањето на кривични постапки сум го довел во прашање угледот на функцијата. Ништо од ова не е точно. Дека тоа е така, потврдува и предлогот каде што нема ниту една точка каде што се објаснува како и кога нестручно сум ја извршувал функцијата, рече Зврлевски.
Според него, пратениците од парламентарното мнозинство со нафрлените случаи покажале непознавање на функцијата на Јавното Обвинителство и на неговите обврски.
– ЈО нема обврска да поведува кривична постапка и да запира. Основните јавни обвинители се самостојни во своето одлучување. Секое влијание а и прифаќање на влијанието покажува дека е сторена злоупотреба. Јас не сум влијаел на никој да поведе или не поведе постапка. Апсолутно сум бил во тек со сите случаи, порача Зврлевски.
Тој наброи неколку случаи меѓу кои „Актор“, „Македонска банка“, „Сеад Кочан“, насилствата во Собрание и други.
– За.27 април отворена е истрага за истражување на сите околности за сите дејствија. Истрагата не е затворена и се работи компетентно и стручно. ОЈО ќе го процесуира она што МВР го открило, рече Зврлевски.
Тој упати критика и до Советот на јавни обвинители.
– Советот на јавни обвинители не кажа ни зошто ни како ни врз основа на што дал позитивно мислење на барањето на Владата за мое разрешување. Тие немаат ниту една претставка и наназад 4 години позитивно ја оценуваше работата на ОЈО…а не дадов оставка бидејќи сметам дека нема причини, но имајќи ја предвид негативната пропаганда, свесен сум дека со мене ќе се случи тоа што се случило и претходно, дека ќе бидам разрешен. Тоа воопшто нема да ме повреди туку ќе бидам во редот на најдобрите, порача тој.
Тој потенцираше дека работел одговорно и совесно во согласосност со законот и Уставот и дека немал врска со политиката и бил познат како професионалец и добар обвинител.
– Ако ме разрешите тоа нема да претставува реформа, заврши актуелниот Јавен обвинител во својот говор од собраниската говорница.
На барање на координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски, спикерот Џафери даде пауза од еден час, за колку ќе биде продолжена седницата по 18 часот. Според Милошоски паузата е потребна за да добијат стенограм од излагањето на Зврлевски. За дискусија досега се пријавени 81 пратеник.