На улицата Антоние Грубашиќ, пред влезот на Основното училиште Коле Неделковски, камион за дотур на стока утрово прегази жена.
Од Министерствто за внатрешни работи го потвридија настанот. Несреќата се случила во 8.50 часот, а со комбето управувал Т.Н. (1972) од населбата Илинден.
Од Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар маало” велат дека пред еден месец апелирале до Град Скопје и до Општина Центар да го ограничат времето кога може да се врши дотурот на стока во маркетите, пазарите, кафулињата и во кафеаните. Писма со барање од здружението испратиле до Општина Центар и до Град Скопје.
„Побаравме дотур на стока да се врши само до седум часот наутро, за да можат децата непречено да се движат и да одат на училиште. Уличките се тесни, а тротоарите се зафатени од паркирани автомобили. Овој немил настан што се случи денеска е доказ дека надлежните конечно треба да преземат нешто за овој проблем. Со години наназад предупредувавме, апелиравме и пишувавме. Немањето слободни тротоари, нерешениот паркинг простор и доставата на стока во текот на цел ден го прави Дебар маало небезбедно“, велат од здружението „Во одбрана на Дебар маало“.
Тие предупредуваат дека за неколку дена децата ќе почнат да одат на училиште и дека може да се случи поради ваква ситуација некое дете да биде повредено. Од здружението велат дека и претходно се случувало деца да бидат жртви на вакви несреќи и уште еднаш апелираат до надлежните, овој проблем што побрзо да се реши.
Пред три недели од Град Скопје писмено им одговориле дека дотурот на стока е веќе регулиран, а евентуални измени, како што посочуваат, може да направи Општина Центар.
„За измена на сообраќајната регулација, со која би се регулирал режим на дотур, асоцијацијата треба да се обрати до Општината да изработи сообраќајно решение, потоа Општината официјално да го достави до Град Скопје и доколку истото добие согласност од сообраќајна полиција да и се издаде согласност на Општината да го измени режимот на сообраќај и да постави нова сигнализација“, одговориле од Градот.
Од Општина Центар велат дека надлежни за ограничување на сообраќајниот режим и дотурот на стока се властите на Град Скопје.