Градоначалник на Кавадарци, Александар Панов, е осуден на два месеци затвор за поткуп при избори и гласање. Панов ја доби максималната предвидена казна, а таа ќе се изврши по правосилност на пресудата. Судијата Лазар Нанев појасни дека за делото е предвидена парична казна или казна затвор до една година.
Според обвинението Александар Панов е осуден за поткуп при избори и гласање.
„Обвинетиот во својство на градоначалник на општина Кавадарци на 09.12.2016 година околу 13.30 часот два дена пред парламентарните избори, во својата канцеларија во зградата на општина Кавадарци на лицето Сали Мемедов и на уште две непознати женски лица кои имаат избирачко право, со намера да го придобие нивниот глас во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ на која е член, од фиоката на работното биро извадил три банкноти од по илјада денари и им ги дал како подарок. Обвинетиот им рекол ние сме за да си помогнеме еден со друг и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“, стои во него“, стои во предлогот на Обвинителството.
Градоначалникот ги отфрли обвинувањата кои му се ставаат на товар за изборен поткуп за време на предвремените парламентарни избори во декември минатата година.
„Не се точни тврдењата. Ова е политичка хајка од МОСТ И СДСМ Кавадарци. Да ти истоварат 20-30 роми и да те принудат да бегаш од општината. Ете тоа се случуваше. Не сум давал помош во кампања бидејќи сум правник и сум свесен дека во кампања не се дава помош, а секогаш пред тоа сум помагал.“, изјави по рочиштето Панов.
Сведоците пред судот потврдија дека парите им биле дадени, како што им рекол градоначалникот, да им помогне, за да и тие помогнат на изборите.
„Градоначалникот ми даде пари да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сум од ниедна политичка партија. Ми рекоа да се потпишам на едно обично ливче“, изјави сведокот Сали Мемедов.