Веднаш да кажам, да соопштам, пред некој да се осмели да ме спречи. На следните избори секако дека ќе гласам за Груевски. За месец и пол, на локалните избори, Груевски ќе го добие мојот глас, затоа што тоа е гласот за канализацијата која секогаш се покажува неопходна за одржување на човештвото. Чекајте, полека, никого не сакам да навредам, ниту да промовирам вулгарност и недоличен говор, тука се работи навистина за политички проект, кој има тежина како една планина- но, канализациска.
Тоа не е само обична канализација за која Груевски говори деновиве, со страст и полет, не, тоа е повеќе од некоја банална локална непогода, на која решил тој да и се посвети, се до последниот здив, затоа што, каква незгода, само тоа и му остана, само тоа го крепи, само на тоа се радува, само во тоа ја утопува својата политичка тага.
Како некој заборавен алкохоличар, кој со прстот ги собира последните капки, ја зема и собира силата од тие капки распослани на шанкот, токму така, спасот на канализацијата, стана спас за Груевски. Затоа, нека и се радува, нека ја негува, нека ја мери и премерува, нека се нурне во длабочините, оттаму може само да се достигне до целта.
Тоа е епилогот од една политичка канализација секако, иако неговите амбиции се многу посложени, подлабински, тој навистина јурнува наутро, откако ќе запече првото сонце, се облекува важно и го прочистува гласот.
Има да соопшти радосна вест- пред него е канализацијата за која тој се грижи како да му е судбина, најмило, прва куќа запишана како пресврт во кариерата, соопштена со длабок и тивок глас од астролозите, никој да не чуе, да не му ја преземе, да не сака да си ја присвои.
Не, таа е негова, тоа е неговиот пат, му вели гласот во главата, таму ќе се движиш, ќе се освежиш, ќе оживееш повторно.
Во најголема тајност, за која засега знаеме само јас и тој, се шмирглаат златни канализациски решетки на улиците низ селото Црешево, што особено ќе побуди восхит кај селаните од овој крај, но за што, кутрите тие, не се ни свесни.
Овие луѓе непознати за сите нас, крајно скромни, што само особи како Груевски сметаат дека се граничи со патетика, значи овие луѓе очекуваат обични пластични цевки, некој алуминиум попат можеби, ако дозволи негуваната рака на Груевски, која, каков пех, таа мисли огорчено, сега пред себе има да решава само канализациски потреби.
Таа, незадоволна од господарот- рака, сега мора да внимава на растрошноста, откако масажерите на Мерцедесот и останатите негови навики за кои знаат само неговите политички близнаци- африканските диктатори, доживееја дебакл.
Кога ќе помислиме јас и тој на неговата канализација, најмногу ме разлутуваат критиките и нападите кон Груевски, тогаш кога доаѓаат од неговите политички опоненти, од критичарите и незадоволните.
Во оваа земја има многу села, населби, градови, каде десетте години на владеење на Груевски не донесоа барем една решетка, цевка, шрафче за една чесна, човечка, достоинствена канализација.
Во тоа име, ве повикувам сите да гласаме за Груевски, да гласаме за иднината, за која само една поетска реч, тивко опеана елегија, може да ја возвиши таа канализација, о, колку моќно звучи тој крај, тој политички крај.