Албанската полиција во акција под кодно име „Стара плажа“ запленила повеќе од еден тон марихуана и неколку парчиња оружје.
Акцијата била реализирана на старата плажа, на триесеттина километри од пристаништето во Валона, каде во приватен ненаселен објект била запленета дрогата, три автоматски пушки Калашников, три пиштоли и воена муниција.
Во близина на објектот на морскиот брег се наоѓал моторен чамец, во кој требало да биде натоварена дрогата. Во него биле три лица, кои кога ја забележале полицијата избегале.
Ова е уште една акција на полицијата во спречување на шверц на голема количина на марихуана. Полицијата деновиве заплени 725 килограми марихуана, откриена во четирикатница, сопственост на познат бизнисмен.
Претходно спречи обид за шверц на 700 килограми дрога во селото Акерни, на морскиот брег во близина на Валона, пакувана во 28 пакети и подготвена за транспорт.