Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го објави четвртиот извештај за нивната работа, во кој стои дека во текот на последните шест месеци заведени се дури 142 нови предистражни предмети, а во моментот работат на вкупно 99 предистражни постапки.
-Во текот на Извештајниот период заведени се 142 нов предистражен предмет. Од нив 49 предмети се формирани по сопствена иницијатива, а 93 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 50 активни предистражни постапки во ова Јавно обвинителство во моментот се работи на вкупно 99 активни предистражни постапки.
Новите предистражни постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања и финансиски истраги, имајќи предвид дека дел од нив се отворени и пред овој извештаен период, а дел од нив во овој период преминаа во фаза на истраги.
Во извештајот се истакнува дека во овој период поднесени се 18 обвиненија за 19 предмети, против вкупно 120 лица. Од нив, поднесени се обвинителни акти против 102 лица и обвинителни предлози против 18 лица, од кои 11 физички и 7 правни лица. Со поднесените обвиненија поднесени беа предлози и за определување на мерка притвор за 18 лица и предлози за определување на мерки на претпазливост за 48 лица.
Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека во овој период во одредена мерка се надминати дел од опструкциите, кои беа посочени во претходните извештаи.
Според неа, кон крајот на овој извештаен период била видлива подготвеноста на институциите за соработка со СЈО, како и нивна подготвеност за постапување во рамки на законски пропишаните обврски.
Јанева очекува ова да продолжи, имајќи предвид дека, како што вели „во претстојниот период е предвидено преземање на голем број на процесни дејствија во рамки на отворените предистражни постапки“.
Јанева очекува во претстојниот период, во што е можно покус рок, да се изнајде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на Специјалното јавно обвинителство за обезбедување законски механизми и отстранување на сите пречки со цел овозможување на ова Јавно обвинителство до крај да ги истражи кривичните дела кои се во негова надлежност.
Најавува дека и во наредниот период ќе продолжат активно да работат.
-Наша цел и во идниот период ќе претставува отворање на нови истраги и преземање на сите законски дејствија кои ни стојат на располагање во насока на темелно истражување на кривичните дела кои се во наша надлежност. Покрај тоа, акцент ќе биде ставен и на преслушување и обработка на аудио фајловите и отворање на нови предистражни постапки, се наведува во извештајот.
Преслушани 70 проценти од бомбите
Во најновиот извештај на СЈО се наведува дека досега обвинителите успеале да преслушаат 70 проценти од незаконски прислушуваните разговори.
-Како што веќе беше наведено во третиот извештаен период ова Јавно обвинителство поседува вкупно 606.555 аудио фајлови. Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализираше содржината на 424 589 аудио фајлови односно во обработка се 70% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што изработени се 1039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индикација дека е сторено кривично дело. Утврдената динамика на анализа и обработка на материјалите ќе продолжи и во претстојниот период, се наведува во извештајот.
Обвинителката Јанева напоменува дека при анализа и обработката на материјалите продолжи процесот на одвојување на приватните разговори од разговорите кои се во обработка.
-Од вкупниот број на анализирани разговори 424 589 издвоени се 152 680 аудио фајлови за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори, вели обвинителката Јанева.
Таа додава дека во процес на анализирање на форензичките копии од предметот против Захир Бекири викан Чауш и Имер Бекири доставен од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, при што утврдени се повеќе од 80 000 аудио фајлови за кои веќе се анализира колкав е бројот на телефонски разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите.
-Воедно, од одземените предмети при извршениот претрес кај едно лице во рамки на една предистражна постапка во извештајниот период при анализа на форензичките копии утврдени се повеќе од 15 000 аудио фајлови на кои во моментот се врши обработка во насока на утврдување колкав е бројот на телефонски разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите. Укажувам дека за оваа предистражна постапка се уште во тек е форензичка анализа на одземените предмети, така што презентираната бројка не е конечна бројка, се наведува во шестмесечниот извештај.
Овој извештај ќе му биде доставен на претседателот на Собранието и на претседаелот на Советот на јавни обвинители, по што ќе биде свикана собраниска седница.