Влатко Чаловски и Светлана Јовановска
Генерален реизбор на судиите на Македонија не и е потребен, но секако треба да се преземат мерки за сите судии кои ја злоупотребиле својата позиција. Затоа што една форма на заробена држава не треба да се замени со друга.
Ова е основната порака за судството во вториот извештај на европската експертска група што ја преводи Рајнхард Прибе.
“Опасноста е во тоа што некои во новата влада би дошле во искушение, за да ги казнат престапниците, да ги заменат таквите судии со други кои би биле делувале на сличен и неприфатлив начин”. Така, би можела да продолжи злоупотребата на компјутеризираниот систем на автоматска поделба на судските предмети како во минатото кога некои судски случаи им биле доделувани на одредени судии.
“Грешките од минатото не смеат да се повторуваат и една форма на заробена држава не смее да се замени со друга. Некои потези што ќе треба да се направат во иднина ќе бидат тест во таа насока”, се заклучува во извештајот.
За судството, накусо, е потребна целосна деполитизација.
Во извештајот кој е поделен на 4 поглавија – судство, спроведување на законот и обвинителство, независни тела и медиуми и граѓанско општество – најмногу критики се упатени токму за нашето судство. Од првиот извештај на групата на Прибе од јуни 2015 година, од 12 препораки е спроведена само една. Критиките се упатени директно на адреса на судиите поради нивното однесување и пристрасност:
“Контролата и злоупотребата на судскиот систем од мала група судии на моќни позиции што промовираат политички интереси не се намалија значително. Овие судии продолжуваат да вршат притисок врз нивните помлади колеги преку контролата врз системот на назначување, евалуација, промоција, дисциплина и отпуштање кој се користи за наградување на послушниците или казнување на оние кои се спротивставуваат”, велат експертите.

Воедно во забелешките забележана е и работата на Судскиот совет.
“Реформата во судството треба да опфати длабок преглед на улогата и одговорноста на Судскиот совет, во однос на неговиот состав, односно да нема можност за повторен мандат со цел да се избегне ризикот од непотизам и пријателства, со цел да се обезбедат објективни одлуки без конфликт на интереси. Воедно треба да се анализира дали Советот треба да биде постојано тело. Неопходна е и независна ревизија на системот за распределување на случаи за да се утврди кој и кога не го почитувал системот”, стои во препораките.
СЈО мора да продолжи да работи
За експертите, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да продолжи со работа затоа што е од суштинско значење да се утврди одговорноста за обвиненијата од нелегално прислушуваните материјали.
„Утврдувањето на кривичната одговорност за нелегалното прислушување е од суштинско значење и мора да продолжи да се спроведува. И покрај критиките, опструкцијата и несоработкако на широк опсег на клучни институции, вклучувајќи го и обидот на Претседателот да ги помилува сите, дури и оние кои потенцијално би биле под истрага, СЈО сепак покажува посветеност и компетентност. Сепак, ограничувањата и опструкциите на мандатот на СЈО го покренуваат прашањето за континуитет што е од суштинско значење за обезбедување на кривична одговорност. Постојат различни опции за да се обезбеди овој континуитет», се вели во извештајот.
Во однос на забелешките за македонското судство, експертскиот тим на Прибе потенцира дека судот не постапува ажурно по предметите кои ги добива од СЈО, и дека од вкупно 20 поднесени обвиненија, досега се потврдени само три.
Иако се поминати две години, никој не е осуден по обвинение од СЈО, се нотира во извештајот.
“Иако поминаа скоро две години откако започна СЈО со работа, никој не е осуден и тоа создава перцепција за неказнивост. Од суштинско значење е да се обезбеди кривична одговорност на сите наводни сторители, без оглед на политичката припадност”, стои во забелешките.
Воедно се потенцира дека СЈО имало краток рок за поднесување на обвинение.
“Одредбата од член 22 од Законот за СЈО дозволува многу кратко време за истраги од 18 месеци. Ова е сериозна пречка за континуитетот и правдата”, вели Прибе, притоа доставувајќи препорака дека СЈО треба да се припои кон Републичкото јавно обвинителство, како специјализирана единица или одделение.
Погледнете ја и видео анализата на НОВА за првиот извештај на Прибе.