-Резултатот од референдумот е дека Каталонците сакаат независна држава – рече каталонскиот лидер Карлес Пучдемон кој денеска се обрати во Каталонскиот парламент. Неговиот говор беше закажан како единствена точка на дневниот ред за во 18 часот, но неговото излагање беше одложено за 19 часот.
Пучдемон во својот долг говор, ја објасни важноста на ситуацијата. Истакна дека ова е историски момент кој ги надминува границите на земјата и дека не станува збор само за внатрешен проблем, бидејќи Каталонија иако е мала е дел од Европа.
Сакам да се обратам на нашата популација која беше на референдумот и која протестираше на улиците.
-Им се заблагодарувам на сите кои ме советуваат, затоа што секое мудро мислење е од помош – рече Пучдемон.
Тој рече дека ова не е лична одлука, туку е резултат на референдумот, волја на владата која ја води.
Пучдемон им се заблагодари на апсолутно сите луѓе кои биле вклучени во референдумот, било како волонтери во процесот или гласачи и поддржувачи.
Во својот говор напомена дека Шпанија не инвестирала во Каталонија и не го почитувала јазикот, затоа Каталонија уназадувала.
-Од смртта на Франко, Каталонија постојано придонесуваше кон Шпанија, не само во економијата, туку и во инфраструктурата. Во 2005 година, големо мнозинство од Парламентот на Каталонија, според Уставот, одобри нацрт за автономија до шпанскиот Парламент. Шпанската влада во 2010 година и шпанскиот Уставен суд го модифицираа, а Каталонците не го бараа тоа. Тој текст кој беше модифициран и не беше одобрен е сегашниот закон. Нема шпанска институција кој е отворена да зборува за иднината на Каталонците и единствената надеж која ја гледавме беше во кралот, но минатата недела и тој ја затвори вратата. Денес, нашиот однос ос Шпанија не функционира. Не сме луди, не сме криминалци, ниту сме биле киднапирани од вонземјани, туку сме нормални луѓе кои бараат дијалог и немаат ништо против Шпанија и шпанскиот народ. Каталонците повеќе не сакаат статус-кво – рече Пучдемон.
Седницата на Каталонскиот парламент е во тек, за збор се јави Инес Аримадас, пратеничка од опозицијата, која се спротивстави на Пучдемон и го обвини за национализам.




