Во пожарите кои од неделата беснеат во американската сојзна држава Калифорнија досега загинале 23 лица, а околу 300 се водат за исчезнати, објави Лос Анџелес Тајмс.
Во овој момент најмалку 22 шумски пожари и натаму се шират, а голем број противпожарни екипи се немоќни во борбата со силниот ветер. Цели населби се претворени во пепел, а целосно изгореле над 3.500 куќи и деловни објекти.
Во северна Калифорнија се евакуирани 50.000 луѓе, од кои половината се во округот Сонома.
Штабовите за вонредна ситуација наредија евакуација на целиот град Калистог и населбата Гејсервил, а жителите на Санта Роза бегале од градот додека огнот ги голтал нивните домови, пренесува Еј Би Си њуз.