Половина од затворениците во затворот Идризово не гласале. Како што велат од Канцеларијата на Народниот правобранител, чии претставници денеска биле таму, тие денеска биле вратени од страна на избирачкиот одбор со образоложение дека ги нема на избирачкиот список или дека имаат неважечки документи.
-Речиси половина немаат исправи, ги нема во избирачкиот список. Од 1.810 затвореници, само 955 се запишани. До 17 часот на гласање излегле 450, а 270 од нив биле вратени. Изразуваме загриженост и повик до надлежните ова да им биоде приоритетна работа за надминување, уште утре да испрата мобилна екипа, да ги сликаат луѓето и да можат да гласаат. Не е оправдување тоа дека управата била нова, изјави Зоран Билбиловски државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител.
„Запознаени сме со овој проблем, но бројката не е толкава“, вели директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
-Во Избирачкиот список нема 35%-40% од затворениците. Наредната недела ќе извршиме увид во избирачиот список за да го решиме овој проблем. Најголемиот проблем се прави поради протокот на затвореници, бидејќи едни излегуваат, а други влегуваат, но има и такви кои се осудени подолг период, а ги нема во избирачкиот список, вели Стојановиќ.
Државната изборна комисија ја проверува оваа информација, иако од Управата за санкции не добиле известување.
-Немаме официјално известување ниту се пријавени нерегуларности од денешното гласање на затворениците од Идризово. Оваа информација ја дознавме од медиумите и е во процес на проверка. Од нашето досегашно искуство, со затворениците има проблем со гласањето односно не можат да го остварат правото бидејќи немаат уредни лични документи или пак ги нема на избирачкиот список затоа што се затворени откако списокот бил завршен, вели портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска.
Ова не е прв пат оние кои се на одслужување на казна затвор да не можат да гласаат.Минатата година повеќе од 600 луѓе од затворот Идризово не гласаа бидејки немаа биометриски лични исправи според кои можат да бидат евидентирани во избирачкиот список.
Инаку денеска се гласаше во 13 казнено поправни установи низ државата каде право на глас имаат вкупно 1.882 избирачи.