Агенцијата за филм на Македонија направи контрола во врска со доделувањето средства за снимање на серијата „Македонија“, при што се утврдени пропусти, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
– Средствата биле доделени на продукцијата „Јадран филм“ и требало да се направи проект играна серија „Македонија“, но во согласност со утврдениот термин, 4 септември 2017, првиот дел од серијалот ниту бил снимен, ниту бил испорачан, а парите во износ од 1,2 милиони евра се префрлени, рече Бошњаковски.
Тој истакна дека вчера на владината седница е донесена одлука дека остатокот од парите, 4,6 милиони евра, нема воопшто да бидат префлени, а ќе се бара одговорност и за овие пари кои веќе се префрлени, бидејќи сервисот не бил доставен.
Станува збор за играна серија со наслов „Македонија“, во која било предвидено во четири сезони и со нешто повеќе од 4 милиони евра амбициозно да се филмува македонската историја. Главен продуцент на серијата е Винко Грубишиќ од хрватската продуцентска куќа „Јадран филм“. Во последната информација до редакцијата на Макфакс тој изјавил дека серијата почнала да се снима и се вклучени и продуценти од земјата. За приказната ни кажа дека главниот лик околу кој се врти темата на серијата е македонскиот револуционер Павел Шатев, а тој требаше да го игра Емил Рубен.
За кредибилитетот на „Јадран филм“ и Винко Грубишиќ, поранешната директорка на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска Илиевска, во чиј мандат е направен договорот за серијата, била предупредена од сродната филмската институција во Хрватска за можниот ризик за соработка со „Јадран филм“. Испратен е допис за регионална меѓуколегијална размена на информации во која ѝ е предочено за кредибилитетот на куќата што добива средства од Македонија. Грубишиќ сите овие искази на своите филмски колеги од Хрватска ги толкува како обид за реваншизам и штитење лични интереси и вети спектакуларна серија која би имала одлична дистрибуција во светот. Спомнува и холивудски актери и тврди дека сите рецензенти на кои имињата сѐ уште не им ги знаеме се изјасниле дека оваа серија би постигнала планетарна гледаност.