Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение реагираше на изјавата на премиерот Зоран Заев дека се водат истраги за корупција за двајца членови на Владата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со изјавата, Заев потврдил дека постои директна спрега меѓу СДСМ и јавното обвинителство кое се користело за механизам за дисциплинирање, закана и уцена.
„Имено, постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган, но со оваа изјава на премиерот се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски. Сега е јасно дека Заев освен што е инсталиран премиер, е и шеф и на државното и на специјалното обвинителство, со што се врши директно загрозување на функционирањето на правниот систем, и од тука не е воопшто чудно што на срамен начин се организираа, легитимираа и легализираа најкриминалните избори кои се случија во изминатиот месец“, пишува во соопштението на опозицијата.
Од таму го повикуваат Заев јавно да ги објави имињата на осомничените.