Арон Вес Мичел е новиот американски висок функционер што на 12 октомври ја презеде функцијата на помошник државен секретар на американското Министерство за надворешни работи, функција што до јануари ја држеше Викторија Нуланд и ќе биде задолжен за Македонија. Но и за дипломатските односи со 50 земји во Европа и Евроазија, НАТО, ЕУ и ОБСЕ. Една од главните теми на неговите истражувања додека работел како политички аналитичар е руската пропаганда и дезинформирањето и како тие да се спречат.
Нуланд даде оставка во јануари и досега нејзиното место беше празно.
Во својот говор во Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат на 19 септември тој ги даде контурите на својата идна политичка акција помеѓу другото и на Балканот:
“Ќе побарам од Москва да ги прекине дестабилизирачките активности во Украина, Грузија, Молдавија и на Балканот и да ја прекине својата поддршка за непријателски режими во Сирија и Иран. Јас исто така ќе ги поддржам напорите за намалување на корупцијата кај нашите сојузници и партнери, дезинформациите и други форми на малигни влијанија што Русија ги користи за да ги ослабне нивните институции и граѓанското општество”, изјави тој.
Тој смета дека “тензиите помеѓу Русија и САД треба се намалат” но “во исто време, руската влада мора да разбере дека враќањето на нормални односи ќе биде невозможно се додека тие ги напаѓаат своите соседи, ги злоупотребуваат своите луѓе и се обидуваат да ја поткопаат довербата”.
Пред да влезе во американската дипломатија Мичел помина 12 години како аналитичар во Центарот за европска политичка анализа фокусиран на централна Европа и близок до Републиканците. Тој е истовремено и основач на овој тинк-танк. Според сајтот на американскиот Стејт Департмент, Мичел имал клучна улога во развојот на овој центар за анализа и го вредил во водечки тинк-танк што отворил канцеларии во Вашингтон и Варшава.
Мичел исто така бил во советодавниот борд на повеќе американски и европски институти како Институтот Збигњев Бжежински за геостратегија, Словачката атлантска комисија, Центарот за трансатлантски односи во Прага, Атлантската иницијатива во Берлин и Здружението Александер Хамилтон.
За време на претседателските избори во 2012 година Мичел работел во Националниот тим за безбедносна транзиција за републиканскиот кандидат Мир Ромни. А потоа, до 2016 година бил претседавач на Работната група за Европа на Иницијативата Џон Хај, неоконзервативна група што ги советува републиканските политичари во САД.
Мичел е роден во 1987 година, има докторат по политички науки на Слободниот универзитет во Берлин а зборува германски и живее во Вирџинија со сопругата и две деца.