Граѓаните кои не го знаат својот ХИВ статус да направат ХИВ тест во најблиските центри за тестирање, кое е бесплатно, доброволно и доверливо, а резултатите ќе ги добијат за помалку од 30 минути и се загарантирани, порачаа денеска на прес-конференција од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, најавувајќи ја Европската недела за ХИВ,што почнува утре и ќе трае до 24 ноември.
Целта е подигнување на свесноста за придобивките од ХИВ тестирањето и потикнување и мотивирање поголем број граѓани да го направат и да го дознаат својот ХИВ статус.
– Последната информација која ја имаме е дека во Македонија во моментов има 338 регистрирани ХИВ случаи од кои 190 се на терапија. Како и на глобално ниво доминантен е сексуалниот начин на пренос на ХИВ. Последните статистики покажуваат дека едно од четири лица од околу 1,2 милиони лица кои живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Половина од нив се дијагностицирани доцна, а со тоа се одложува и пристапот до терапија, истакна Светлана Војновска од ХЕРА.
Лицата кои живеат со ХИВ и навремено се дијагностицирани и веднаш почнат со антиретровирусна терапија, појасни таа, живеат долг и квалитетен живот и можат да планираат безбедно родителство без ризик од пренос на ХИВ.
– Студијата направена од експертски тим на Светска банка и Министерството за здравство проценува дека во 2014 година во Република Македонија само 50 отсто од лицата кои живеееле со ХИВ биле дијагностицирани, што говори дека останатите 50 отсто не биле свесни за својот ХИВ статус, додаде Војновска.