Болидот со кој Михаел Шумахер (48) ја прослави последната победа за ГН на Монако е продаден за седум ипол милиони евра на аукција во „Сотби“. Конечната цена е двојно поголема од очекуваната (четири милиони долари) пред почетокот на јавното наддавање што го прави највредно модерно возило во историјата на Формула 1.
Со машината со ознака „Ф2001“, германскиот пилот го архивира петтиот триумф низ улиците на Монте Карло во 2001 година што беше и последен. Сезоната ја заврши со вкупно девет победи што на крајот му ја донесоа и четвртата од вкупно седумте шампионски титули во „летечкиот циркус“.
Шумахер во изминатите четири години е далеку од очите и ушите на светска јавност по стравичниот пад што му се случи за време на рекреативно скијање во Марбел, Франција, во 2013 година. Германецот оттогаш е во кома и со, речиси, никакви вести за неговата објективна здравствена состојба за која се верува дека е крајно лоша. Моментно, според западни медиуми, е на лекување во Швајцарија и дел од собраните средства од аукцијата на Менхетен ќе биде уплатен во неговата фондација.