Ирачката армија соопшти дека за неколку часа го освоила последното упориште на групата Исламска држава, градот Рава, кој се наоѓа во огромната пустинска покраина Анбар, која граничи со Сирија.
– Владините трупи и паравоени сили, кои се борат за Ирак против ИД „ја ослободија Рава и го подигнаа ирачкото знаме над комплексот на административните згради”, соопшти генералот Абдел Амир Рашид Јарала од Заедничката команда.
Но, продолжува чистењето и деминирањето на регионот, вели Нобел Самбаи, командант на седмата ирачка дивизија.
Според податоците на антиџихадистичката коалиција предводена од САД, групата Исламска држава веќе изгуби 95 отсто од нејзината територија, во која прогласи „калифат” во 2014 година.
Ирачките сили продолжуваат да ги пребаруваат пустинските области долж границата со Сирија за да ги протераат последните терористи.