Милан му врачи отказ на Винченцо Монтела и за нов тренер на екипата експресно е назначен Џенаро Гатузо кој досега ги предводеше младите „росонери“. Смената на „Сан Сиро“ доаѓа по неделното реми (0:0) со Торино на домашен терен во Серија А, половичниот ефект во првенството по 14 одиграни кола (20 освоени бода од можни 42) и седмото место на табелата што не е доволно ниту за пласман во Лига Европа за наредната сезона, а камоли за враќање во Лигата на шампионите што беше поставена како цел од раководството.
Покрај огромниот капитал што беше вложен за засилувања во летниот преоден рок и отсуството на резултати, Милан се соочува и дубиозна состојба на сопственичката хиерархија и потенцијално прекршување на правилата за финансиски фер-плеј.
Гатузо ја заврши фудбалската кариера во 2013 година во која кус период мина како играч и менаџер во швајцарски Сион. Во сезоната 2013/14 беше на клупата на Палермо, во 2014/15 го предводеше грчки ОФИ, а од 2015 година до 2017 година работеше во Пиза пред да му бидат доверени младите фудбалери на седумкратниот европски првак. За италијанската репрезентација одигра 73 натпревари и постигна еден гол.