Советот за утврдување на обвинителни акти го прифати обвинението на Специјалното јавно обвинителство за предметот „Тенк“, потврдија за МИА од СЈО.
Се уште не е утврден датумот за почеток на судењето ниту е определен судија кој ќе го води предметот.
Случајот „Тенк“ се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и началникот за јавни набавки Ѓоко Поповски, односно за набавка на луксузниот мерцедес вреден над половина милон евра, со што му нанеле штета на државниот буџет.
Апелацискиот суд Скопје на 8 ноември одлучи прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот да бидат доказ во судењето за случајот „Тенк“.
Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Никола Груевски
НГ: Ова со процедурава за набавка за она што ми испрати ти едни…
ГЈ: Да, да, да веќе ја стаивме у постапка со тоа што ја мислам и кажав како треба да испадне, треба само да видам неделава требаше некаде да објавиме за да направиме внимателно, пошто е нели 100 посто електронски да не ни улета некој друг нели треба да има нешто…мислам тој човекот што ми е таму мислам е..отворено му кажав да испадне вака и вака сеа оти не може да не му кажеш, а да испадне…
НГ: Да де да…
ГЈ: Така да он рече добро да проучам што е специфично у однос на другиве за да стесниме простори оти…
НГ: Да да…
ГЈ: … нели на 100 посто електронски, не можеш да речеш, слушај ти не чиниш, посебно што и тие другите чинат нели…
НГ: Ама истовремено треба да се пази тој и да не се заборави кога ќе виде како е работата, тој што ќе понуди…
ГЈ: Е па ние нели ја знаеме вака од прошлиот пат рамката па сега ако забега ако треба па ќе поништиме еднаш па ќе распишеме пак…
НГ: Да, да…
ГЈ: Мислам не може да не дере нели…
Скапиот мерцедес бил набавен во 2012 година. Според разговорите кои ги објави опозицијата Груевски и Јанкулоска заговараат како да излажат во јавноста дека мерцедесот е за МВР, а не за Груевски лично бидејќи тој не сака пред јавноста да се расфрла со скапи автомобили.
Во 2012 година кога медиумите објавија дека МВР купило мерцедес од речиси 600.000 евра македонските медиуми нашироко пишуваа детали за возилото. Во јуни 2012 „Утрински весник“ пишуваше за набавката каде што посочи дека ова е трето блиндинрано возило за полицијата. Од министерството велеа дека возилото ќе се возело единствено по потреба.