Визуелниот уметник Филип Јовановски во Белград денеска учествува во групната изложба „СВЕДОШТВА – ВИСТИНА ИЛИ ПОЛИТИКА: Концептот на сведоштва во спомен на југословенските војни”, која ќе биде отворена во Музејот на современа уметност Галерија –легат Милица Зориќ и Родољуб Чолаковиќ.
Изложбата е курирана од уметницата и активистка Ноа Трајстер (Центар за културна деконтаминација од Белград) и кустотосот од Музејот на современа уметност од Белград, Зоран Ериќ.
Јовановски ќе се претстави со делото „Предлог за споменик на комунистичката курва”, аудио опера во пет делови кој како истражувачки процес го работеше во соработка со кураторката Ивана Васева и дизајнерот на звук Сашко Потер Мицевски.
Ова е најново дело на Јовановски во кое продолжува да го истражува неговиот долгогодишен интерес кој е фокусиран на конфликтот помеѓу доминантниот дискурс – националистичкиот и конзервативен кој го потиснуваше јавното мислење во изминатите 11 години во македонскиот културен и политички живот, и другиот, потиснатиот – модернистичкиот и прогресивен.

„Насилството беше доминантен параметар кој во изминативе 11 години беше искористено во разни манифестации и ситуации од претходната влада и беше визуелно материјализиран преку различни проекти, меѓу другото, највидливиот – проектот Скопје 2014. Друго нешто што преовладуваше во јавниот дискурс е етикетирањето и стигматизацијата на прогресивните гласови, можеби најконтроверзната од сите нив е фразата КОМУЊАРИ, КОМУЊАРСКИ КУРВИ“, вели Јовановски.
Тој дополнува дека во ова дело ги судира доминантните позиции на дискурсите во една уметничка форма на звучна опера, со цел повторно да ги преиспита.
„Во проектот Скопје 2014 недостига уште споменикот на комунистичката курва за да насилството биде комплетно, па ајде да го изградиме!”, вели тој.
Основата на проектот СВЕДОШТВА – ВИСТИНА ИЛИ ПОЛИТИКА: Концептот на сведоштва во спомен на југословенските војни вклучува аудио архива на повеќе од 200 интервјуа со учесници во војната на Југославија или пак со анти-воени активисти.
Проектот се одвива во две испреплетени линии на истражувања кои се занимаваат со концептот на сведоштва во контекст на комеморативни практики и војните во Југославија во деведесеттите години, и се базира на интервјуа и уметнички дела кои ги сметаат овие интервјуа како сведоштва.
Уметници се поканети да се бават со испитување на од една страна на материјалниот аспект на сведоштвата (звук и глас), а од друга страна со самата содржина – политички, економски, општествен и културен контекст во различни клучни моменти од сведоштвата.
Изложбата има за цел да отвори канал кој ќе овозможи на сведоштвата да се слушнат и да се контекстуализираат.
Во Легатот Чолаковиќ ќе бидат претставени уметнички дела на 15 меѓунардони автори кои во изминатите години учествувале во ова истражување.