Најмалку 13 лица загинаа во јужна Калифорнија поради силната зимска бура. Рекордните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето.
Околу 163 лица се повредени и префрлени во болница, а четворица од нив се во критична состојба. Наводно околу 300 лица се заробени источно од Санта Барбара. Таму уште пред невремето беше издадена наредба за задолжителна евакуација, но само 15 отсто од населението ја почитувале.
Официјалните лица стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
Голем број куќи се уништени, додека неизвесна е судбината на жителите во населбите до кои е тешко да се допре поради скршени стебла и далеководи. Патиштата се блокирани, поради што хеликоптерите се користени дури и за време на бурата, а илјада луѓе останаа и без електрична енергија.
Полицијата истакна дека сцените изгледаат како „бојно поле по Првата светска војна“.