Инсенераторот за горење медицински отпад во депонијата Дрисла, кој пред повеќе од 16 години како хуманитарна помош и бил доделен на Македонија од страна на британската Влада, не работи од 1.јануари годинава, информираше денеска на брифинг со новинарите, заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.
Како што рече тој, италијанската фирма која е концесионер на депонијата, ФЦЛ Амбиенте, од страна на државата е задолжена да инсталира што поскоро филтри кои ќе ја намалат емисијата на штетни елементи од согорувањето на отпадот за инсенераторот да продолжи со работа, се до набавка на нов.
Директорот на Дрисла, Горан Ангелов, за НОВА вели очекува филтрите да бидат поставени некаде во средина на февруари, со што би следел тест период.
Новиот пак, Министерството за животна средина го очекува до април годинава, со оглед на тоа што истиот е нарачан и е со потпис од актуелната влада.
Новиот инсенератор според Ангелов, би профункционирал некаде налето во јули.
Kонцесионерот требало да набави нова печка до март 2014 година, односнот пред четири години. Набавката не биле спроведена затоа што тогашната Влада, преку Министерството за транспорт и врски не ја дала потребната градежна дозвола. Градежната дозвола е издадена од новата Влада во октомври 2017 година.
Во меѓувреме, Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека од Дрисла ги информирале оти по набавката на новиот инсенераторот во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа на истиот, а намената на инсинераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија.
Она што не е можно да се направи, според надлежните, е да и се забрани работата на Дрисла со оглед на тоа што таа е единствената депонија во Македонија која може да согорува медицински отпад, така што по инсталацијата на филтрите, „британскиот инсенератор“ ќе продолжи да работи, бидејќи Македонија нема капацитет за складирање на медицинскиот отпад.
Тоа ќе продолжи со работа се до инсталацијата на новиот, кој го набавува фирмата-концесионер, по што стариот ќе престане да се користи.
На брифингот со новинарите, заменик министерот Макрадули информираше и дека Дирекцијата за радијациона сигурност направила неколку инспекции во Дрисла, и дека и покрај шпекулациите во медиумите, опасност од радиоактивност нема.
Дека Дрисла е загадувач, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов е согласен, но смирува дека, анализите покажале дека Дрисла не е главната причина зошто Скопје неколку години наназад се гуши во загаден воздух.
Сепак, за сите интервнеции кои градот сака да ги направи со депонијата е лимитиран, бидејќи сопствеништвото од 2011 година наваму, 80 отсто му припаѓа на италијанската фирма, додека 20 отсто на градот Скопје.