За денеска во 14 часот, најавен е граѓански протест на Камениот мост во центарот на Скопје против преквалификацијата на делото во случајот со смртта на малиот Алмир во Куманово.
„Обвинителите го убиваат Алмир по втор пат?!“, „Правда за Алмир“ и „Убиство, а не сообраќајна несреќа“, се написите на социјалната мрежа Фејсбук каде се најавува денешниот протест.
Алмир, 4-годишен, загина откако на 25.јули 2016 година, беше прегазен со автомобил пред Ургентниот центар во Куманово од страна на Бобан Илиќ.
Трагичниот настан следуваше по претходна банална расправија во болничките ходници меѓу семејствата на Алмир и на обвинетиот.
Според првичното обвинение, Илиќ е обвинет за кривичното дело „убиство“, но според информациите кои викендов ги објави Алсат-М, Обвинителството би можело да го преквалификува во сообраќајна несреќа со смртни последици.
Како што објави телевизијата, ова доаѓа по жестоките судири меѓу обвинителите во Вишото и во Републичкото обвинителство каде се дискутирало за овој случај.