Од 1-ви февруари на чело на Државната видео лотарија – Касинос Аустриа ДОО Скопје ќе застане новиот генерален директор, Костадин Каракабаков. Тој доаѓа на местото на досегашниот директор, Дане Кузмановски.
За Каракабаков менаџерската позиција во Државна видео лотарија е вистински џек пот. Тој на оваа примамлива функција доаѓа од болницата во Гевгелија, каде работи како одговорен референт за јавни набавки.
НОВА ТВ се обиде да стапи во контакт со Каракабаков, кој ги одбројува последните денови како вработен во гевгелиската болница, но тој не беше во својата канцеларија.
Кога го напишавме името на Каракабаков на пребарувачот „Гугл“ излезе постара објава од „Службен весник“ од 1999 година. Тој тогаш бил именуван за заменик член на Изборна комисија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Неодамна беше освежен и Надзорниот одбор на компанијата и таму сега се Реинхард Бернкоп од Виена – Австрија, Аднан Шариќ од Загреб- Хрватска, Нијази Мамуди од Чегране – Гостивар, Трајче Неделковски од Скопје и Катица Николовска – Прнаркова од Гевгелија, која во септември минатата година беше избрана за директор на Државната лотарија и таму е претседател на Управниот одбор.
Тајни газди од даночните раеви
Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа ДОО Скопје е трговско друштво со ограничена одговорност за приредување игри на среќа, во заедничка сопственост на Државна Лотарија на Македонија и Касинос Аустриа Интернационал Македонија. Од формирањето, па се до денес Државната видео лотарија ја следат контроверзни одлуки, сомнително сопствеништво и бизнис тежок милиони евра.
Според истражувањето на НОВА ТВ од ноември 2016 година Аустриан Касинос Интернешнл ДОО победи на меѓународниот тендер објавен во јуни 2013 година како најдобар понудувач од страна на комисијата формирана од Државната Лотарија која е во целосна сопственост на Владата.
Одлуката беше објавена на прес конференција во владата во јануари 2014 кога тие информираа дека Државната видео лотарија заедно со фирмата победник, Аустриан Касинос Интернешнл ДОО, формираат јавно приватно партнерство во заедничка компанија наречена Државна видео лотарија.
Аустриан Касинос Интернешнл ДОО е формирана на 23 јули 2014 година или само десет дена пред формално да се затвори тендерот на којшто се бара потенцијалниот партнер на владата за јавно приватно партнерство.
Повеќе за истражувањето од ноември 2016 година на следниот линк
Линк од сторијата објавена во мај 2014 на следниот линк
Пред неколку месеци, во септември минатата година, измени во менаџерскиот состав имаше и во Државната лотарија на Македонија. Тогаш за генерален директор на Државната лотарија беше именувана Катица Николовска – Прнаркова, која претходно беше овластен сметководител.