Арсен Венгер заврши уште една полезна работа за Арсенал во јануарскиот преоден рок. По ангажманот на Пјер Емерик Обамејанг, Французинот успеа да го сочува Месут Езил (30) во ростерот на „топчиите“. Германскиот репрезентативец се согласи за продолжување на престојот во Лондон до 2021 година и со неделна заработувачка од 350.000 фунти ќе биде најплатен играч во историјата на 13 кратниот англиски фудбалски шампион.
Езил пристигна на „Емирати“ во 2013 година од екипата на Реал Мадрид. Од тогаш со „топчиите“ освои три титули во ФА купот и во вкупно 182 одиграни меча постигна 36 погодоци и забележа 61 асистенција. Оваа сезона има четири гола и седум додавања.
Но, тоа не се и комплетните активности на Венгер оваа зима. Покрај доаѓањето на Обамејанг и продолжување на соработката со Езил, на Арсенал му пристапи и Ерменцот Хенрик Мкитарјан кој дојде од Манчестер јунајтед како дел од трансферот на Алексис Санчез на „Олд Трафорд“. Во меѓувреме екипата ја напушти Оливие Жиру кој ја прифати понудата на Челзи.