Министерството за образование и наука, во реакција на забелешките од ХЕРА и Коалицијата Маргини, истакнува дека во однос на Стратегијата за образованието 2018-2025, прифатило голем број од забелешките и предлозите на стручната јавност и граѓанските организации.
-Стратегијата за образованието 2018-2025 е насочена кон подобрување и почитувањето на различностите и демократските вредности и човекови права. Една од целите на Стратегијата е спроведување на концептот на инклузивно и мултикултурно образование со фокус на родовата еднаквост и почитувањето на различности по било која основа.
Секако, Стратегијата е рамка согласно која ќе се движат процесите во образованието, а овие принципи ќе бидат пресликани во новите наставни програми и учебниците.
Овие цели се предвидени како конкретни активности во основното и средното образование, и подразбираат ревидирање на учебниците така што истите ќе одразуваат родова еднаквост, почитување на различностите, мултикултурните и демократските вредности, се вели во соопштението.
-Дали неприфаќањето на нашите забелешки значи дека Министерството во наредните 8 години нема намера да преземе активности во насока на превенција и заштита од насилство и силеџиство засновано на род, сексуална ориентација и родов идентитет во училиштата? Дали ова значи дека нема да преземете чекори во насока на воведување на сеопфатно сексуално образование, а при ревизијата на учебниците нема да водите сметка за дискриминаторските содржини кон жените и ЛГБТИ луѓето?!, истакнуваат од ХЕРА и Маргини.
Според Министерството за образование и наука потврда дека одлучно ќе се бори против дискриминацијата по било која основа, претставува и повлекувањето на учебникот за „Граѓанско образование“ за осмо одделение, кој беше повлечен поради родова дискриминација и спорна содржина.