Употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило станува причина број еден за одвлекување на вниманието кај возачите. Во Македонија 63 отсто од возачите користеле мобилен телефон додека возеле. Младите возачи до 30 години, двапати повеќе користат мобилен телефон додека возат од возачите на возраст над 30 години.
Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) потенцира дека користењето мобилен телефон додека возачите управуваат моторно возило е подеднакво опасно, како во населено место, така и надвор од населено место.
Статистиката покажува дека се поголем број сообраќајни незгоди се случуваат во населено место, а голем број од нив се предизвикани од употреба на мобилен телефон. Во ваквите сообраќајни незгоди најчесто страдаат пешаците и велосипедистите.
Истражувањата направени од реномирани меѓународни организации покажуваат оти одвлеченото внимание на возачот е причина за 20 до 25 отсто од сите сообраќајни несреќи. На светско ниво 45 отсто од возачите го користат мобилниот телефон додека возат. Во САД се проценува дека во секој момент во текот на денот шест отсто од возачите користат мобилен телефон додека возат.
Студиите за користење мобилен телефон за време на возењето, покажуваат дека младите возачи се група со висок ризик на однесување во сообраќајот, најподложна на одвлечено внимание предизвикано од мобилен телефон поради нивното интензивно користење.
Според други истражувања, пишувањето пораки додека се управува моторното возило ја намалува реакцијата на возачот за запирање на возилото за 18 отсто, а ја зголемува опасноста за предизвикување сообраќајна незгода за шест пати. Пишување порака додека се вози е еднакво на возење со затворени очи цели шест секунди за кои возило со брзина од 60 километри на час поминува 100 метри.
Во Македонија употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило е спротивно на одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и се санкционира со 40 евра во денарска противвредност или со 25 негативни бода во возачката книшка.