Премиерот Зоран Заев вели дека човекот кој според сознанијата имал задача да го ликвидира на крвавиот четврток, сега е во притвор.
-За деталите верувам дека правосудните органи ќе објават соопштение или ќе информираат во соодветен период како се одвиваат судските постапки. Тука пред се мислам на судовите и на јавните обвинители. Јас знам дека човекот кој ја добил таа задача е во притвор, одговори премиерот Заев, на новинарско прашање во врска со информацијата што ја објави неделникот Фокус.
Весникот објави дека истрагата открила телефонски разговори на двајца учесници во собраниските инциденти на 27-ми април кои неколку месеци подоцна зборувале за неуспешна ликвидација на Заев во Собранието.
Обвинителството минатиот петок соопшти дека во истрагата за 27-ми април не се користени посебни истражни мерки, во кои спаа и следење на комуникации.