Турнејата на претседателот на Европската комисија Јункер низ шесте балкански земји што се надвор од Европската унија започнува денеска од Македонија. Тој ќе има средба со премиерот Заев, со претседателот Иванов, а потоа ќе се одржи и пленарна средба со делегацијата на ЕУ. Јункер и Заев ќе имаат и заедничка прес конференција.
,,Јас уште еднаш очекувам охрабрување преку стратегијата која што ја објави претседателот Јункер. За нас тоа е охрабрување, значи сериозна мотивација, да ги дозавршиме реформите согласно плановите 3-6-9, да ги продолжиме сите оние процеси на унапредување на севкупниот квалитет на животот на граѓаните, поради тоа што сме убедени дека Европа ќе ни даде датум за преговори само ако заслужуваме или ќе станеме членка на ЕУ само тогаш кога нашиот стандард на граѓаните ќе биде веќе приближно еднаков на стандардите на граѓаните на ЕУ. Очекувам охрабрување дека во јуни е возможно да имаме датум за отпочнување на преговори, а со тоа и отварање на дополнителни европски фондови за Република Македонија, рече премиерот Заев во пресрет на посетата на Јункер.
Целта на стратегијата што беше објавена на почетокот на февруари е Западниот Балкан да стане интегрален дел од Европската унија . А до таму патот е долг послан со многу работа. Ова е дел од пораката што во Македонија ќе ја донесе првиот човек на ЕК Жан-Клод Јункер за време на неговата посета.
Комисијата, преку стратегијата бара сериозно зајакнување на правните држави на Балканот и вистинска борба против корупцијата бидејќи секаде на Балканот владее чувство дека некои луѓе не можат да бидат казнети. А медиумите во многу земји се под контрола на власта.
Второ, економиите на балканските земји не се компетитивни и економијата е исто така под контрола на власта. На ова исто така треба да му се стави крај за да можат земјите да напредуваат кон ЕУ и за да можат да отвораат работни места особено за младите.
Трето, тука се билатералните проблеми мораат да се решат. Комисијата подвлекува дека ЕУ ,,нема да ги вовезува овие кавги,, па трајни решенија мора да бидат најдени,,пред земјата да влезе во ЕУ. Четврто, и исто толку важно како и претходните три точки, е фамозниот консензус на државата за влез во ЕУ: политички и општествен консензус со кој граѓаните ќе ја дадат својата “поддршката и со срце и со ум”, вели стратегијата.
Накусо, пораката на Комисијата на Јункер е – ако сакате во ЕУ, акцијата треба да започне веднаш.
Со Јункер, доаѓа и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој пред извесно време најави дека Европската комисија ќе препорача почеток на пристапните преговори со Македонија и со Албанија.
,,Веруваме дека двете земји изминатиот период направија значајни реформи и затоа се квалификувани за овој чекор, рече Хан.
Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, ќе биде објавен на 17 април.
Од Скопје, Јункер и Хан патуваат за Белград, Подгорица, Приштина, Сараево и Тирана, а балканската турнеја ќе ја заврши со посета на Софија.