Премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов кој денеска ќе допатува во Скопје, ќе имаат обраќање, по заедничкото положување цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи, во рамки на одбележувањето на 75. години од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.
Активностите во Скопје започнуваат со „Маршот на живите“ од пред Музејот на Град Скопје и ќе заврши кај зградата на поранешниот Монопол сега Империал Тобако. На маршот се очекува да се приклучи и премиерот Заев заедно со претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ, кој е во официјална посета на Македонија. Во центарот на Скопје се очекува на маршот да му се приклучи и бугарскиот премиер Борисов.
По пристигнувањето кај споменикот посветен на депоратиранитеЕвреи, делегациите и претставниците на здруженијата на Евреите и други ќе положат цвеќе, по што ќе следуваат обраќања на премиерите Заев и Борисов и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Романо Николиќ. Потоа делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија да ја проследат пленарната седница посветена на депортацијата на Евреите во логорот Треблинка.
Бојко Борисов е првиот бугарски премиер кој ќе учествува на одбележување на годишнина од депортацијата на Евреите од Македонија. Во официјалната бугарска делегација најавесни се и претставници на еврејската заедница во Бугарија.
На одбележувањето на 75. години од депортацијата на македонските Евреи најавено е и присуство на министерот за надворешни работи на Полска Јацек Чапутович, кој заедно со министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров ќе положат цвеќе пред споменикот депортираните Евреи.
Активностите за одбележување на 75. годишнината од Холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна започна вчера во Битола, Штип и Скопје.