Годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, Мексиканецот Хосе Емилио
Пачеко на отворањето на Вечерите се заблагодари за, како што рече, големата укажана чест со наградата.
-Македонската дарежливост на оваа возраст ме претвора во монструм на суетата и арогантноста, а тоа никогаш не сум бил. На римските императори постојано им ласкале, но секогаш од другата страна имало роб кој повторувал: ‘Запомни дека си смртен’.
Ништо не е конечно. Сега сум на возраст во која можам да речам дека оваа награда би можела да се нарече кулминација, но би сакал да продолжам да пишувам”, рече Пачеко.
Струшките вечери на поезијата се отворија во тензична атмосфера, по обвинувањата на градоначалникот на Општина Струга, Зијадин Села, кој на прес конференција вчера, обвини за неупотреба на албанскиот јазик при официјалната комуникација на фестивалот “Струшки вечери на поезијата”,чие 52 издание започна синоќа во Струга.
Советот на Струшки вечери на поезијата ги смета за тенденционзни неточни, паушални и неосновани тврдењата на градоначалникот Села.
Советот излезе со соопштение во кое вели дека за сите официјалните обраќања и говори на гостите на фестивалот е обезбеден превод на македонски, албански и англиски јазик.
Целокупниот информативен материјал околу организацијата на фестивалот (летоци,брошури,покани) е испечатен на македонски, албански и англискиот јазик, додека при настапите на странските поети учесници на фестивалот – се користи видео бим со превод на трите споменати јазици.
-Сметаме дека ваквите неосновани обиди, да се фрли сенка врз најреномираниот поетски фестивал, кој цели 52 години претставува празник на светските поетски дострели, воопшто не му одат во прилог на меѓународниот углед на фестивалот, домаќинот – градот Струга и Република Македонија воопшто.
Се надеваме дека градоначалникот Села, ќе ја согледа неоснованоста на својата одлука за бојкот и како добар домаќин ќе ги преземе сите потребни активности со кои ќе придонесе за што поуспешна реализација на 52-те Струшки вечери на поезијата на кои учествуваат над 50 реномирани поети од целиот свет и кои на градот Струга му донесоа светска слава, соопштува на Советот на Струшките вечери на поезијата.