Се укинуваат психолошките тестови кои беа услов за вработување во администрацијата, но и за именување раководни кадри во институциите се укинуваат.
Директори на образовни институции,на Државниот испитен центар, на ученички и студентски домови, на Бирото за развој на образование, како и вработените во државната и јавната администрација, повеќе нема да полагаат психолошки тестови како услови за вработување.
Психолошки тест и тест за интегритет повеќе нема да биде потребен услов ниту за директор на Агецијата за поддршка на претпримеништвото, Бирото за метеорологија, Управата за водење матични книги, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за странски инвестиции, Бирото за јавна безбедност.
Овие измени произлегуваат од Законот за изменување и дополнување на законот за административни службеници, кој беше усвоен на 18 јануари, а во сила стапи на 26 јануари, што повлече измена на серија закони.
Измените предизвика бурни реакции кај психолозите кои се со поделени мислења. Дел од нив велат тестови треба да има, има и кадри за стандардизирање, а Македонија има дури 1740 дипломирани психолози кои можат да ги спроведат тие тестови.
– Да кажете дека нема да примените тест во професионална селекција е како да кажете дека нема да правите ЕКГ на кардиолошки преглед, коментираат некои од психолозите.
Луѓето самите си го плаќале тестот и тоа 1.950 денари, секако без гаранција дека ќе бидат примени. Тука се и оправданите сомневања дека досегашното тестирање било големо „перење пари“.
-Ако целта на процесот на селекција е да добиеме најдобар кандидат, овие тестови не беа гаранција дека го добиваме најдобриот кандидат,измените ќе го олеснат процесот на вработување, ќе ги ослободат кандидатите од дополнителни трошоци. нагласуваат во разговор за МИА, претставници од Министерството за информатичко општество и јавна администрација.
Од МИОА велат дека тестови се покажале како неефективни и непотребни за вработување во администрација.
Во Македонија имало некои такви адаптирани тестови, но не постоеле докази дека особините што ги мерат се непосредно поврзани со особините што се бараат за успешно вршење работата.
– Образложението за укинувањето на тестот е дека нема доволно стручен кадар во земјава за изработка и спроведување на овие тестови, но никој не дојде да не праша што сработивме, вели Серафимовска.
Укинувањето на психолошките тестови беше дел и од предизборната програма на СДСМ.
Ваквиот законот за психолошки тестови беше донесен во 2011 година од поранешната Влада.