За средбите во Скопје и текот на преговорите, министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас го известил грчкиот премиер Алексис Ципрас на средба во премиерската палата во текот на вчерашниот ден, објавија грчките медиуми.
Според информациите во медиумите во Грција, Атина смета дека има напредок во преговорите. Разговорите во Скопје поминале во добра клима, меѓутоа и понатаму останува разликата во однос на македонскиот Устав, бидејќи „грчката страна не отстапува од барањето за уставна ревизија, не само во однос на името туку и во однос на иредентизмот“.
Како што јавува МИА, средбата не била најавена од кабинетот на Ципрас, ниту од грчкото МНР, а немало ниту официјално соопштение по завршувањето на состанокот.
Шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас на заедничката прес-конференција по средбата во петокот рекоа дека се залагаат за компромисно и праведно решение за името кое ќе ги поврзе интересите на двете страни, ќе гледа кон иднината, а не кон минатото и ќе го зачува дигнитетот на граѓаните на двете држави.
Сепак, тие потенцираа дека процесот е во тек, а разликите се уште се на маса и се прават обиди за нивно надминување.
Димитров истакна дека за македонската страна предлогот за слеано име со географска одредница на македонски јазик без превод не е најдобар правец, додека Коѕијас уште еднаш повтори дека Грција не се откажува од промена на македонскиот Устав.
Коѕијас нагласи дека Грција инсистира на промена на македонскиот Устав, бидејќи според праксата на европските уставни судови, националните устави се над европското и меѓународното право.
По разговорите во Скопје, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, ќе имаат нова средба на 30 март во Виена на која ќе биде и посредникот на Обединетите нации (ОН), Метју Нимиц.