Министерот за надворешни работи Никос Коѕијас на 12 април повторно доаѓа во посета на Македонија, овојпат во Охрид на средба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Посетата на Коѕијас, и во Македонија и во Грција се оценува како интензивирање на преговорите, а премиерот Зоран Заев оцени дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу него и Ципрас, што би значелоконкретна практична потврда дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение.
– Верувам дека досегашната посветеност на процесот, чекорите кои што се покажани овозможуваат придвижување. И се придвижуваме. Има позитивен исчекор од Виена за кој верувам ќе биде заокружен дополнително на 11 или 12 април, на следната средба помеѓу министрите. На крајот на април, или, можеби, почетокот на мај, можно е да имаме средба на премиерско ниво. Тоа секако зависи од двете страни. Но треба да знаат граѓаните, важно е прашањето, премногу важно, но не по секоја цена, изјави Заев во интервју за МИА.
Тој го повтори ставот дека за него црвени линии во преговорите се зачувување на достоинството и идентитетот, односно решение кое е достоинствено за двете страни.
Заев е дециден дека во преговорите за името, нема да има дипломатски булдожери меѓу Македонија и Грција, и дека за такво решение вреди да се жртвува и политичката кариера.
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју викендов за германскиот весник „Шпигел“ изјави дека разликите со Скопје можат да се решат со смелост.
– Разликите со Скопје се проблеми со историски карактер, со идентитет, со наследство и култура. Овие прашања се чувствителни. Но, можат да се решат со смелост, како што правиме сега. Додека, пак, со Турција имаме проблеми со геостратешки и геополитички претензии, вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто за германскиот весник.
По средбата Димитров-Коѕијас во Охрид најверојатно ќе се одржи и нова средба на лидерите на политичките партии и државното раководство. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува таа да се одржи претстојниот викенд.
Следната недела, Извештај на ЕК за Македонија
Идната недела на 17 април, ЕК ќе го соопшти Извештајот напредокот на земјата, во кој Владата очекува да добие безусловна препорака за почеток на преговорите.
Спорот за името како и секоја година ќе се најде меѓу забелешките во Извештајот со оглед дека ЕУ и во својата нова Стратегија за проширување упати јасна порака дека сите земји-кандидати имаат можност да напредуваат на европскиот пат врз основа на сопствени заслуги и брзината со која ќе ги остварат реформите, но дека дека нема да се дозволи увоз на билатерални спорови.
Еден ден по објавувањето на Извештајот на ЕК во Брисел, во Скопје ќе допатуваат високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан. Според најавите од Владата, двајцата ќе учествуваат на Дигиталниот самит за Западен Балкан чиј домаќин е Скопје. Покрај барањето во однос на спроведувањето на реформите, двајцата се очекува да ги охрабрат властите во Македонија и Грција за изнаоѓање решение за спорот за името.